
Се уште нема двотретинско мнозинство за СЈО
Политичарите јавно не признаваат кој го спори законот за јавно обвинителство во кое се регулира иднината на СЈО но тој се уште е во Mинистерството за правда, од каде потврдуваат дека до сега нема обезбедено двотретинско мнозинство за законот да ја продолжи процедурата. Во меѓувреме предвидениот рок за негово донесување 18 март, се ситни.
Според информациите на Телма, со последната нацрт верзија, која постојано е подложна на нови барања и предлози за измени, е предвидено СЈО да продолжи да ги води и обвиненијата и истрагите отоврени по 30 јуни 2017 со што со закон се надминува начелното правно мислење на Врховниот суд дека за овие предмети на СЈО му е истечен рокот.
Но најмногу дилеми и отворени прашња се поврзани околу бомбите. Дали ќе можат да ги користат како докази само во предметите пред јуни 2017 или и за оние случаи отворени подоцна. Засега неспорно е дека бомбите кои не биле користени како докази ќе бидат уништени една година откако правосилно ќе завршат сите судски постапки исто како што се постапува со посебните истражни мерки.
Со законот се прави и разграничување во надлежноста мегу СЈО и обвинителството за организиран криминал. Се предвидува СЈО да гони висока корупција. Конкретно, кривични дела против изборите и гласањето, перење пари, но од некои кривични дела СЈО ќе биде надлежно за конкретни ставови кои се однесуваат за поголеми суми на штети врз буџетот или пак се сторени од избрани и именувани функционери.
Со оглед на тоа што со предметите на СЈО се опфатени голем број на политичари од власта и од опозицијата, експертите предупредуваат да не се дозволи и овој закон да биде кроен според потреби и интересите на поединици.
Елена Ивановска Мукоска