Се уште нема договор кога да се одржат одложените избори

На почетокот од неделата што се смета како клучна за одредување на изборниот ден, се уште нема договор меѓу партиите кога треба да се одржат одложените избори, а не е закажана ниту лидерска средба што би била трет чин од настојувањето да се постигне политички консензус за ова прашање.

Паралелно со тврдењата дека нема отстапување од партискиот став но и дека нема скришни разговори за да се доближат термините за одржување избори, што ја зголемува неизвесноста дали ќе бидат на почетокот или на крајот од летото, кампањата стартуваше. Денеска, во фокусот беше земјоделството.

„Повеќе пари трошите за скапи спотови отколку за земјоделците“, возврати Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ.

Но, и неговата партија почна со снимање изјави во кои се афирмираат партиските идеи, претставени како мерка за релаксирање на економската криза.

Владата предводена од СДСМ донесе трет пакет економски мерки за секторите погодени од кризата, за домашните и извозните фирми, за услужната дејност но и за туризмот, порачуваат од „Илинденска“.

-Третиот пакет економски мерки е вреден 355 милиони евра и е наменет за 730 илјади корисници. Трите пакети заедно се влог од 550 милиони евра, или 5,5 одсто од БДП, велат од СДСМ. 

Според ВМРО ДПМНЕ, Владата на СДСМ не нуди ништо за стопанството, голем број фирми се оставени на цедило и може да дојде до нивно затварање.

-Мерките со кои се фали Владата на СДСМ не придонесуваат за доброто на економијата. Единствено што прави е трошење државни пари за избори и наместо да му помогнат на стопанството, гледаат да си ја спасат фотелјата, велат од ВМРО ДПМНЕ. 

Опозициската партија веќе ги проблематизира и мерките за справување со короната. Велат дека Владата е неспособна, што ја издига Македонија на врвот на листата според бројот на заразени во регионот.

СДСМ тврди дека епидемијата е ставена под контрола, а општеството почнува да ја живее новата нормалност. За брза трансформација на економијата и за целосно функционални институции, бараат избори во првиот можен термин.

В недела, доколку нема ново продолжување, Македонија ќе излезе од двоипол-месечната вонредна состојба. Според последната Владина уредба, наредниот ден продолжуваат изборните дејствија, а изборите се одржуваат по 22 дена. За некакво пролонгирање, потребен е меѓупартиски договор и нова Владина уредба или, ново продолжување на вонредната состојба.

 

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ