
Се укинуваат квотите за лекови во туристичките места
Се укинуваат квотите за лековите во туристичките места соопшти денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Според него со укинувањето на квотите за лекови ќе се реши недостатокот од лекови по 15-ти во месецот.
Филипче вели дека во туристичките места со години наназад локалното население се соочувало со недостиг на лекови, бидејќи туристи од други градови си носеле рецепти со нив и ги подигнувале лековите.
При крајот на месецот ќе започне и официјална процедура на вклучување на сите аптеки кои сега не се во мрежата. Паралелно ќе се проширува мрежата согласно одлуката на последната седница на Владата, за прием на нови специјалистички ординации од разни специјалности од медицина и стоматологија. Со цел да се излезе во пресрет на оние кои тоа го чекаат.
Запрашан кои се контролните механизми со кои ќе се спречуваат злоупотреби, дали навистина само со лична карта ќе може да се зема лек во аптека, Филипче рече дека станува збор за комплексен механизам кој вклучува и софтверско решение а во суштина значи следење на лекот. Лекот ќе може да го подигне само пациентот за кој е препишан, освен лицата кои се неподвижни, но и за нив има развиен механизам како ќе се издаваат тие лекови.