
Се реши проблемот со брашното
Падна договор меѓу двајцата министри за надминување на проблемот со српското брашно, нема да има контрамерки од Србија за Македонија. Потписи кои гарантираат дека сите отворени проблеми во трговијата меѓу двете земји, за сите производи, ќе се решат суштински и системски во следниот месец – задача на новиот Комитет кој првиот состанок ќе го одржи на 14 март, даден миу е рок од еден месец да ги отстрани сите бариери, да го надмине проблемот со признавање на сертификатите, да ги скрати процедурите и да го олесни протокот на стокаине прон.
Македонската отстапка е што уште денеска ќе се направат измените на нашиот правилник кој беше спорен за српската страна, контролните маркички за пакувањата брашно од 1,2 и 5 килограми ќе се лепат во Србија, а за оние од 25 и 50 тоа ќе се прави во земјава. Дури, ќе се разгледува оправданоста на постоење на маркичките, кои биле воведени одамна, на барање на стопанските комори.
Клучно е, рече домаќинот, министерот Николовски, надлежните институции да обезбедат вистинска и засилена контрола на стоката.
„Треба да има засилени интегрирани контрола, која треба да функционира. Клучен проблем досега бил нефункционирањето на институциите, АХВ, Фитосанитарната управа, тие треба да алармираат со цел да се работи по закон“, рече Николовски.
Направивме одлучен и важен чекор со решавање на проблемот со брашното, но она што е поважно е дека покажавме политичка воља и подготвеност да вработиме на отстранување на бариерите, рече Љајиќ. Тој не кажа какви се конкретно отстапките од Србија, но тврдеше дека ги има.
„Нема договор ако не се направат отстапки. Се најдовме на половина пат, но нема на тоа да застанеме. Мора да го намалиме чекањето по границите и големите трошоци. Малите земји се многу креативни кога се работи за воведување на вонварински бариери, но тоа е погрешно, за нив е најбитно да се обезбеди слободен проток на стока“, рече Љајиќ.
Според него, чекањето на стоките во Западен Балкан е годишно околу 28 милиони часа, што носи штети од 800 милиони долари, што е недозволиво и ги прави неконкурентни овие економии. Од сегашните 700, смета дека размената меѓу двете земји може да достигне до една милијарда долари.
На 21 март е закажана и заедцничка седница на двете влади. Ова е 13 пат во последните 7 години Србија и Македонија да се најдат во спор за брашното. Од Србија во земјава годишно се извезува околу 40.000 до 50.000 тони брашно.
Нина Нинеска-Фиданоска