
Се повеќе болни од карцином, луѓето доцна се јавуваат на лекар
Во земјава расте бројот на болни со најтешката болест, карциномот, велат бројките на Онкологија каде што има повеќе од пет илјади нови пациенти. Новозаболени има со исто темпо како и во западна Европа, загрижено потенцира доктор Васев, директорот на Клиниката. Лекови за тешко болните луѓе има, но ништо не гарантира стопроцентен успех во лекувањето. Клучен фактор е колку рано пациентите се јавуваат на лекар.
„Има 5200 нови пациенти. Многу од нив се дојдени за само да им се потврди болеста. Од овие 5200 со метастатски карциноми доаѓаат релативно 20% до 23% од пациентите“ кажа доктор Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија.
Најзастапен е ракот на дојка кој предничи во ваквите статистики, информира доктор Васев. Но, за него карактеристично е тоа што пациентите ретко бараат второ мислење во раната фаза на болеста. Почнуваат да се плашаат дури тогаш кога болеста ќе напредне.
„Најмногу случаи годишно имаме со рак на дојка. Има и на гастроинтестинален систем, па гинеколошки, па рак на белите дробови. Кај карциномот на белите дробови годишно има инциденца и морталитет скоро ист, а за ракот на дојка драстично е намален морталитетот, а зголемена инциденца. Во мала фаза и рана фаза речиси никој не оди ниту на второ мислење, затоа што е рана фаза. На дојка е Т1 тумор, се вади и никому ништо“ кажа доктор Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија.
Од Клиниката за онкологија тврдат дека имаат доволно лекови, 30 на број за различни состојби, а нив ги набавуваат со посебен тендер за две години.
Петар Догов