Ректорот подготвил нов статут на УКИМ без знаење на професорската фела и органите на универзитетот

Предложениот нов Статут на Универзитетот Кирил и Методиј предизвика поделби помеѓу академската заедница на УКИМ, на седница на Сенатот.

Ректорот на универзитетот, Никола Јанкуловски подготвил нов документ кој ќе го регулира работењето на Универзитетот. Според професорите, тоа е алатка со која на Ректорот му се даваат повеќе овластувања од претходно, а со тоа се централизира моќта на најстариот универзитет во земјава.

„Според деловникот, може да дадете конкретни предлози со образложение, во вид на амандмани, на конкретни членови од Статутот“, кажа Никола Јанкуловски – Ректор на УКИМ.

За професорите, спорно е што донесувањето на Статутот се одвива по забрзана постапка со образложение дека се ближат летните одмори па членовите на академската заедница на УКИМ ќе отсуствуваат од работа.

„Материјалот за секоја седница мора да се достави навреме. Ако обратното се случува се почесто – доставување на важен и обемен материјал, во последниот момент, почнувам да мислам дека се работи за систем. И тоа, систем којшто треба да ги замолкне или онеспособи критичарите“, кажа Владимир Петрушевски – Проректор за наука на УКИМ.

Дел од професорите содржината на Статутот ја оценија како неиздржана  и несоодветна ниту по стандардите на дел од универзитетите во соседните земји.

„Ова што е предложено е на некој начин неиздржано. Ниту во стариот Статут, ниту во Статутите на останатите членки што се многу слични на нашиот Универзитет – Белград, Загреб, Љубљана, Пула, Сплит“, кажа Вујица Живковиќ – Проректор за настава на УКИМ.

Статутот се носи како дел од новиот Закон за високо образование, и според ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, со него треба да се реформира високото образование. Ако помине новиот Статут, претседателот на Сенатот ќе ги изгуби своите ингеренции и нема да може да предложи ниту дневен ред на седница. За да се стави дополнителна точка, сенаторите ќе мора писмено да го доставаат предлогот кој ќе треба да добие одобрение од соодветни комисии.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ