
Се очекува средба Димитров – Иванов
Во текот на денешниот ден, се очекува претседателот Ѓорге Иванов, во вила Водно да се сретне со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Оваа средба вчера ја најави премиерот Заев, и на неа се очекува Димитров да го информира шефот на државата за текот на преговорите со Грција околу името и за она што е договорено на последната негова средба со грчкиот колега Коцијас.
Нема информација кога точно ќе се сретнат Димитров и Иванов. Вчера од кабинетот на Иванов соопштија дека претседателот нема да поддржи решение ерга омнес, односно име за севкупна употреба.
Инаку, вчера премиерот Заев изјави дека двете страни никогаш не биле поблиску до решение. Најави дека евентуалниот договор со Грција најнапред ќе биде ратификуван во Собранието, а потоа во септември или октомври ќе биде распишан референдум.