
Се очекува расветлување на случајот со тепачката во неготинското училиште
Љубомора поради момче, како што дознава Телма, била повод две соученички брутално да тепаат и влечат за коса друга соученичка, која порано им била другарка. Настанот кој се случил надвор од училишниот двор, наиде на жестоки реакции во јавноста зашто тепачката се случува во присуство и на други ученици од училиштето, кои само немо набљудуваат и го снимаат настанот со своите мобилни телефони , без да го спречат насилството. Од првата детска амбасада „Меѓаши“ побараа Министерството за образование и наука да покрене истрага за случајот, да утврди степен на одговорност и да бидат преземени мерки, ваквото насилство да не се повтори.
„Очекуваме Министерството за образование и наука , т.е. министерката Рената Дескоска, да покрене истрага за овој настан, да утврди степен на одговорност и каде потфрлил целиот наставен кадар, дежурни наставници, педагози, психолози, кои треба да работат на превенција на насилството и мора да имаат постојан увид за тоа што се случува во училиштето и во училишниот двор“, велат од Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Прозваната министерка за образование, Рената Дескоска вели дека случајот е пријавен во МВР и таа очекува надлежните да го расфетлат. Министерката најави и превземање мерки со цел едукација на учениците, но и на родителите, заради превенирање на насилството меѓу младите.
„Училиштето има обврска според законот да изврши педагошко советување и со родителите, но и педагошки разговор со ученичките кои учествуваа во овој настан. Треба да се укаже на родителите дека треба да се превземат мерки за подигање и поправање на однесувањето на учениците. А, потоа во рамките на училиштето може да се превземат дисциплински санкции против ученичките“, вели Дескоска.
За настанот, родител на едно од девојчињата веќе бил на разговор во училиштето, а во понеделник се очекува на разговор да дојдат и родителите на другите две ученички. Сите три биле во 9 одделение и со лошо поведение во минатото. А едно од девојчињата, дента кога се случила тепачката воопшто не се појавило на настава.
Сотир Трајков