Се намалуваат патните трошоци на пратениците

Пратениците, но и другите функционери, треба да земаат барем за една третина помали патни трошоци од до сега. Наредната недела во собраниските комисии ќе се разгледуваат двата закони што ги предложи СДСМ, со кои, државата нема да им плаќа по 30 одсто од цената на литар гориво за секој изминат километар, туку 20 одсто. Најголемата владеачка партија смета дека и тоа е многу, па откако законите ќе се донесат, со одлука ќе предложи спуштање на цената за уште 5 одсто.

Денеска, Тунтев објаснува дека тука нема ништо контрадикторно. Законите го одредуваат максималниот надомест, а за пратениците ќе биде меродавна Одлуката што треба да ја донесе Комисијата за избори и именувања. Дополнително, секој пратеник ќе треба да поднесе потврда или слип дека патарината ја платил со своја лична дебитна или кредитна картичка. Со ова, вели Тунтев за Телма, ќе се намалат можностите за злоупотреба на надоместокот, што не беа ретки во изминатите години. Заради вакви и други облици на злоупотреби, од буџетот се одлеваа огромни средства. Само преку Собраниската сметка, за 6 години се одлеани близу 5 милиони евра. Ако изминатите две години се трошело по 1,2 милиони евра годишно, грубо пресметано, по усвојувањето на новата регулатива, оваа година Собранието би требало да  заштеди 400-500 илјади евра.

Во другите пратенички групи има одредени резерви кон ваквиот предлог на СДСМ. И владеачката ДУИ и другите партии се уште размислуваат дали да прифатат ваков предлог. Сметаат дека надоместот од 15 одсто не може да ги покрие трошоците што оној пратеник кој доаѓа со автомобил на работа, реално ги има. Од ДУИ велат дека е подобро да се сочека анализата што ја прави Парламентарниот институт. Таа ќе покаже дали се подобри другите алтернативни решенија: станови во Скопје, преспивање во хотел и слично. И СДСМ не се откажува од другите решенија, но ова го смета за најбрзо можно намалување на трошоците.

Во овој собраниски состав, право на патни трошоци имаат 71 пратеник. Некои од актуелните пратеници за една година пратенички стаж, веќе зеле по неколку илјади евра.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ