Се намали бројот на судења во Кривичен од над 300 на 39 предмети

 Откако Владата вчера донесе Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредна состојба, Кривичен излезе  со новата листа на предмети со која се намали бројот закажани рочишта.

-Во Кривичниот суд ќе се судат само предмети во кои еден или повеќе обвинети имаат мерка притвор или куќен притвор, предмети од член 205 и 206 од КЗ поврзани со загрозување на здравјето на граѓаните и предмети поврзани со нарушување на полицискиот час и другите мерки на Владата.  Воедно судот ќе постапува и по сите итни предмети за кои се надлежни кривичните совети, а по кои се постапува на нејавни седници. За таа цел изготвена е листа од 39 притворски предмети, насрочени во следните 30 дена за кои предмети странките кои имаат усна или писмена покана се должни да дојдат на закажаното судење, додека странките во сите други постапки кои не се наведени на листата ќе добијат дополнителни покани за следните термини , стои во соопштението на Кривичен.

На денот на македонското правосудство судовите на државата работат со намален капацитет. Дел од судовите постпауваат само по итни предмети а дел како скопска апелација најавија дека ги одлагаат сите јавни седници и расправи.  Од судски совет испратија честитка за денот  на судството.

-Ви го честитам денот на судството и Ви посакувам добро здравје и успех во понатамошната работа. Во овие тешки денови за граѓаните на нашата држава и за човештвото во целина, судството докажа дека може да одговори на секој предизвик.
Судиите и судските службеници останаа истрајни во решеноста да ја повратат довербата на граѓаните преку непристрасно применување на правото, неселективна правда, заштита на човековите права  и основни слободи, еднаквост, рамноправност, недискриминација по кој било основи и обезбедување на правна сигурност врз основа на владеење на правото, стои во честитката на претседатлеот на Судски совет Киро Здравев.

На денешен ден во 1945 година со донесувањето повелба на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија поставени се темелите на судството во Република Македонија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ