
Се кратат капиталните инвестиции, но пари ќе има за повисоки плати
Повторно настрадаа капиталните инвестиции. Со ребалансот на буџетот што Владата го усвои на денешната седница тие се скратија за 50 милиони евра, или, од 420 милиони колку што беа планирани, се сведуваат на 370 милиони евра. Нивната реализација беше многу слабва или само една четвртина во првите седум месеци. Меѓу проектите каде има скусување се и пари за Железницата, за водоснабдителен систем што се финансирал од Европската инвестициска банка, како и болници во две општини каде што имало забавување.
Дел од овие, пари, пак, ќе се наменат за области битни за граѓаните, велат од власта. Шест и пол милиони евра ќе одат за мерката за субвенционирање на растот на платите. Односно, оние газди кои пластите на своите вработени ќе ги зголемат од 600 до шест илјади денари, за тој дел владата ќе им ги покрие придонесите за пензиско и здравствено, а од персоналниот данок нема да бидат ослободени. Мерката ќе стартува од први октомври и ќе трае три години, а ќе важи за сите 610 илјади вработени во приватниот сектор. На годишно ниво таа ќе го чини буџетот 40 милиони евра и се очекува да ги зголеми платите и да го намали плаќањето плати во плик.
Со ребалансот се предвидени и 200 милиони денари за активни мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, како и за исплата на поврат на ДДВ.
За минималната плата Владата уште не донела одлука, се преговара со работодавачите и синдикатите, премиерот е оптимист дека има шанси таа да се зголеми од октомври.
Средства се предвидени и за владината намера целосно да ги откупи акциите од Макпетрол во гасоводниот систем ГАМА, со што таа би станала стоотстотен сопственик, за што уште се водат преговори.
Вкупните приходи и расходи се минимално намалени, а дефицитот останува ист, 2,5 отсто од БДП. Наместо 3,2 отсто колку што беше одредено во буџетот, проекциојата за еаст на економијата со ребалансот се зголемува на 3,5 отсто.
Нина Нинеска Фиданоска