
Се излеаа горните текови на Вардар, Треска и Црна
На семејството Масовски од Раотинце Општина Јегуновце, од излевањето на Вардар поплавена им e дваесетина декари земјоделска обработлива површина. Засаденото им е уништено, но и останатото поле планирано за пролетна сеидба кое плива под вода, годинава не ќе може да се обработува.
Надојдените води на Вардар ја поплавија речиси целата обработлива површина во Раотинце, каде водата навлезе во дворовите и куќите, но и патиштата пливаат во неа.
Во општина Јегуновце поплавени се ниви и куќи во селата Копанце, Сиричино и Туденце.
Мештаните велат дека секоја втора година Вардар се излева, затоа што коритото на реката властите се уште го немаат регулирано, проект на кој се чека две децении, но владата никако да одобри пари за негова реализација.
Од Општина Јегуновце, велат дека е намалено производството на струја во хидроцентралата Вруток, се со цел да се намали високиот водостој на Вардар. Истакнаа дека во координација и соработка со Центарот за управувавње со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, ќе преземат мерки за заштита на домовите и нивите од надојдените води на Вардар.
Топењето на снегот и врнежите од дожд предизвикаа и излевање на Вардар во горниот дел во гостиварско Форино и во тетовска Стримница а се излеа и горниот тек од реките Црна и Треска. Покачени се водостоите на речиси сите површински води во Македонија.
Во следните 24 часа најавени се нови врнежи од 10 до 15 литри на метар квадратен на планините Кораб и Шар Планина, од каде дополнително со топењето на снегот се очекува зголемување на притоките кои се влеваат во Вардар. Ваквата состојба предупредуваат од УХМР може да предизвика излевање на реките и во други населени места во Западна Македонија и да остави цели земјоделски семејства без егистенција, како Масовски од Раотинце на кое надојдените води не му оставија ниту педа обработлива земјоделска површина.
Зоран Димовски