
Се чека новиот извештај на ЕК за Северна Македонија
Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, денеска во Европскиот Парламент и во ЕК ќе ги презентираат најновите стратегии за проширувањето на ЕУ.
Државава очекува повторно да добие зелено светло од комисијата за датум за почеток на преговори со ЕУ, датум кој потоа треба да биде одобрен од земјите членки на ЕУ. Конечната верзија на овие клучни документи се финализираше до доцна синоќа во просториите на Европската комисија, но Северна Македонија се очекува во секој случај да добие позитивни оценки за реформскиот напредок во мнозинството области, вклучувајќи ги и критичните реформи кои треба да го отворат патот за преговори за членство: судството, јавната администрација, разузнавачките служби и борбата против корупцијата.
Освен Северна Македонија, Албанија исто така очекува да добие зелено светло за старт на преговори.
Земји како Франција и натаму се противат на стартот на преговори со Северна Македонија и Албанија во јуни. Иако не се исклучува можноста нивните ставови да омекнат, неизвесно е за сега дали и какви последици ќе имаат изборните резултати за Европскиот парламент врз расположението и одлуките во Европската Унија.