
Се чека информација од јапонските власти дали тројцата македонски државјани се заразени со коронавирус
Тројцата македонски државјани уште две недели ќе бидат во карантин на брегот близу Јокохама, а властите кај нас, за нив ќе се информираат откако ќе добијат службен извештај од јапонските институции. Дали се заразени со коронавирус ќе покажат епидемиолошките тестови кои се во тек. Ризикот постои бидејќи бројот на заразени со опасниот вирус на бродот „Дајмонд принцес“ на кој пловеле близу четири илјади луѓе, од вчера до денес тројно се зголеми. Кај 61 од нив епидемиолошки е потврдена заразата и се под лекарски надзор.
Јапонските здравствени власти се уверени дека во овој момент најдобро е никој да не го напушти бродот за да не се прошири инфекцијата надвор од него. Проверките и тестовите на луѓето кои се превезувале со него започнаа откако еден 80 годишен жител на Хонг Конг, кој минатиот месец патувал со бродот, се разболел од коронавирусот.
- Ние сметаме дека екипажот и патниците треба и понатаму да остануваат на бродот и да чекаат во нивните простории. Додека им се дава приоритет на здравствената состојба на екипажот и на патниците, ние ќе ги преземеме сите можни мерки за да спречиме инфекција. Додека ги разгледував мислењата на експертите, би сакал навремено да ги испитам и спроведам потребните тестови за старите ранливи лица, оние кои имаат основни заболувања и оние кои имаат близок контакт со заразените, вели Катсунобу Като – министер за здравство на Јапонија.
Освен тројцата македонски државјани има и други балканци на бродот. 14 Срби и шест словенечки државјани се помеѓу патниците. Ниту во едната ниту во другата земја досега не е регистриран случај на болен од коронавирус додека во светски рамки бројките вртоглаво растат. До вчера се потврдени повеќе од триесет илјади случаи, а животот го загубија 638 луѓе од заразата која се создаде на животинските пазари во Кина.
Петар Догов