
Се бараат казни за организаторите, но и за оние кои ја дозволиле литијата во Струга
Ако за велигденската причест-лажичка на МПЦ-ОА и беше прогледано низ прсти, вчерашната црковна литија во Струга со учество на голем број свештени лица и стотици граѓани, без почитување на уредбите за не собирање во групи од повеќе од двајца, држење дистанца и носење на маски, ги разгневи сите и ја свика владата на идна седница, која во меѓувреме упати барања да се утврдат одговорните за организирање и дозволување настанот да се одржи. Владата освен што побара МВР и Обвинителство да постапат околу тоа, истовремено ги повика МПЦ, но и ИВЗ да не преземаат никакви идни чекори.
„Владата имаше коректна комуникација и соработка со верските заедници во текот на справувањето со коронавирусот, при што беше постигната согласност дека здравјето на граѓаните во овој период е врвен приоритет и дека сите настани од верските календари треба да бидат прилагодени на вонредната состојба, односно дека не треба да се одржуваат заради преголемиот ризик. Очекуваме и бараме, и од МПЦ и од ИВЗ, да не преземаат никакви следни чекори по однос на организација на какви било собири од верски карактер, се додека забраните и мерките за заштита на здравјето се на сила“, се наведува во владината реакција.
Со реакција уште синоќа се огласи министерот за здравство Венко Филипче кој побара истрага како бил дозволен ваков собир, додека техничкиот премиер, Оливер Спасовски, кој за Велигден организирањето на причест во црквите го оправда со неможноста на државата да се меша во неприкосновеното право на практикување на верата, денеска собирот во Струга го опиша како сериозна неодговорност кон здравјето на граѓаните и кон државата.
„Очекував дека верските заедници ќе имаат поизразито чувство за животот и здравјето на граѓаните и како човек сум длабоко разочаран од постапката која што се направи вчера во Струга“, изјави Спасовски.
Тој побара санкционирање на организаторитеи, но и на оние кои не постапиле да ја спречат активноста. Партии пак побараа одговорност од полициските функционери, но имињата кои ги посочија се различни.
„Стотици граѓани без заштитна опрема, без соодветна дистанца, масовно се движеа по улиците на Струга, а полицијата беше присутна на настанот и воопшто не реагираше. Со оваа нодговорност Чулев стана соучесник во загрозувањето на здравјето на граѓаните“, изјави Костадин Костадинов, од СДСМ.
„Треба да се добие исто така изјава и од началникот на МВР во Струга, Дритон Ајро, и сметаме дека началникот треба како прв човек на Министерството во Општина Струга да ја даде својата изјава и извештај“, вели Антонио Милошоски, од ВМРО-ДПМНЕ
Според владните мерки за заштита од Корона вирусот освен носење на маски и држење дистанца од два метри, не е дозволено ниту собирање на повеќе од двајца.
Тамара Грнчароска