
Се бара заострување на мерките за движење за повозрасните и за децата
Заострување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се предложени од Кординативниот штаб, кои попладнево ќе бидат разгледани на седница на владата. Мерката која се предлага е поголема рестрикција за движење за постарите лице над 65 години, како и за младите. Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев рече дека полицијата веднаш ќе постапи по нив доколку бидат усвоени.
Во текот на вчерашниот ден истакнав, а денеска повторно ќе потенцирам, дека како министер за внатрешни работи во изминатиот период, а и во иднина ќе се залагам за преземање на најстроги мерки со цел надминување на последиците кои од ден на ден се посериозни и за поригорозни ограничувања на движењето на граѓаните со цел спречување наширењето на вирусот ковид-19, изјави Наќе Чулев министер за внатрешни работи.
Чулев прито информираше дека првата ноќ од ограничувањето на движењето меѓу 21 часот синоќа и 6 часот утрово, поминала мирно со почитување на мерката од граѓаните. Осумнаесет лица сепак завршиле зад решетки.
Пет лица на подрачјето на Тетово, две лица на подрачјето на Гостивар кои и покрај опомената и укажувањето од полициските службеници не постапиле по укажувањето, туку агресивно се однесувале кон полициските службеници, по што истите се лишени од слобода. На територијата на Кумановои пак се лишени од слобода две лица кои не ја почитувале забраната за движење, но и кај кои е најдено и огнено оружје, информираше Чулев.
Во Радовиш две лица, а едно во Штип, не го почитувале полицискиот час, додека шестмина во Кочани завршиле во полициска станица од истите причини. Едно лице во Виница синоќа успеало да им избега на полицајците откако било забележано дека не ја почитува мерката за недвижење. Од групата 18 непослушни кривични пријави по член 206 од Кривичниот закон досега се поднесени против девет, а против двајцата кумановци дополнително има обвинение и за поседување на огнено оружје. На територијата на целата држава синоќа се опоменати 74 лица дека го прекршуваат полицискиот час.
Непочитувањето на мерката за задолжителна домашна изолација смети едно лице во државен карантин. Чулев информираше дека лицето освен што заработило кривична пријава поради непочитување на изолацијата, спроведено е во државен карантин. Кривични пријави ќе бидат поднесени дополнително и против 22 лица кои биле фатени надвор од своите домови иако имале решенија или потпишале изјава за самоизолација.
Тамара Грнчароска