СДСМ за 21 јуни, ВМРО ДПМНЕ за избори во септември

Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ги зацврстуваат своите позиции околу предвремените избори, но на сосема спротивни стојалишта. Владеачката партија уверува дека Уставот и законите наложуваат избори да има во јуни, најдобро на 21-ви, а опозициската партија тврди дека тоа треба да се случи на крајот од летото. Двете страни сепак изразуваат надеж дека во наредните 7 до 10 дена ќе успеат да се договорат.

СДСМ тврди дека јунскиот термин добил поддршка од сите учесници на вчерашната лидерска средба освен од ВМРО ДПМНЕ. Во наредните 30-тина дена очекуваат да се олеснат мерките, потсетуваат дека Србија и Хрватска одат на избори за да го избегнат вториот бран што се очекува на есен и конечно: Уставот, Изборниот законик и Владината уредба наложуваат дека изборните дејствија продолжуваат ден по завршувањето на вонредната состојба. Секој што не ги почитува, вклучувајќи ги и членовите на ДИК, ќе сноси одговорност, вели Заев.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека Заев не ги почитува условите за кредибилни избори, мислењето на ДИК, на ОБСЕ и на здравствените власти – за ова се свесни сите партии освен СДСМ. Според ВМРО ДПМНЕ, уставниот рок ОД 60 ДЕНА за предвремени избори истече на 16-ти април. ДИК не може да продолжи со изборни дејствија пред завршувањето на вонредната состојба, а денот на изборите не може да биде определен со уредба на Владата – тоа може да го стори само Претседателот на Собранието со ново решение.

Оптимистите очекуваат нова лидерска средба до крајот на неделата, како трета шанса за постигнување договор за изборниот ден.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ