СДСМ тактизира за изборите – одложена седницата на Извршниот одбор

Социјалдемократите ја одложија утрешната седница на Извршниот одбор, на која требаше да се расправа за можноста, заедно со претседателските, да се одржат и предвремени парламентарни избори. Официјално, причина за одложувањето е отсуството на некои министри од државата, но неофицијално,партијата се` уште нема изградено заеднички став за ова, но и за другите клучни прашања.

Ваквото тактизирање, пак, се повеќе ја оддалечува идејата за двојни избори, од причина што, нема да има време за техничка влада на сто дена пред избори.  Доколку претседателот на Собранието, како што најави, ги распише изборите во петок, на 8-ми февруари, до вториот круг на изборите, на 5-ти мај, кога би се  одржале вонредните избори, остануваат уште 82 дена, а опозицијата инсистира да се почитуваат роковите. Но, на крај се`ќе зависи од политичкиот договор меѓу партиите. СДСМ се уште ги крие и кандидатите, за кои финалната одлука треба да ја донесат делегатите на конгресот на трети март. Досега во јавноста се спомуваа имињата на Радмила Шеќеринска, Никола Димитров, Стево Пендаровски  и Оливер Спасовски, но можно е и таму да има изненадување. Сѐ уште е можна и кандидатурата на премиерот Зоран Заев, доколку се процени дека тоа е „рецепт“ за поголема излезност на изборите, и покрај неговиот јавно соопштен став дека не планира да учествува во претседателската трка.

ДУИ се уште се двоумат дали да излезат со свој кандидат, дали да го поддржат кандидатот на СДСМ или пак некој заеднички кандидат со останатите партии од албанскиот блок.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, секоја прес конференција ја завршуваат со барање за предвремени парламентарни избори.

Нивните кандидати официјално ќе се знаат во вторник. На огласот се пријавиле и петмина анонимуси, чии имиња не се откриваат, но извори оттаму тврдат дека се работи за лица кои не и се познати на јавноста и ова го прават само за своја промоција. Меѓу пријавените дефинитивно е и професорката Гордана Сиљановска-Давкова, која неофицијално, е фаворит на раководството, а стои најдобро од останатите и според резултатите од партиските истражувања на јавното мислење. Апликации имаат поднесено и пратеникот Влатко Ѓорчев и Филип Петровски, кому,пак, му се даваат најмали шанси да биде избран на партиската конвенција. На сите кои ги исполнуваат законските услови, ќе им се обезбеди време и простор за презентација на програмата пред општинските комитети и членовите во периодот од 6 до 16 февруари, кога ќе се одржи конвенцијата во Струга. Право на глас ќе имаат 550 делегати и тие ќе го имаат конечниот збор за тоа кој ќе биде кандидат од оваа партија на претседателските избори.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ