СДСМ со ветување за проветрување на правосудството и со конфронтација со ВМРО-ДПМНЕ околу Преспанскиот договор

Од прочистување на правосудството, преку повисоки плати и пензии, до директна конфронтација со политичките противници околу Преспанскито договор, продолжи денеска изборната кампања на СДСМ. Од Гевгелија нејзиниот лдиер и носител во ИЕ 4, Зоран Заев, порача дека реформите во правосудството не се завршени и доколку останат на власт ќе ги спроведат новите закони за судовите и јавното обвинителство.

„Знаеме како ќе го прочистиме правосудството, како секој ќе биде автоматски разрешен ако застари предмет, како ќе ја направиме целосната проверка на имотната состојба на судии, обвинители и членови на нивните семејства, како ќе направиме ревизија на најмалку 5% по случаен примерок на предметите од последните пет години. Постои за прв пат кривична одговорност на дисија и обвинител“, порача Заев.

Од економските ветувања на партијата Заев го издвои зголемување на минималната плата за 5.500 денари, но и на просечната плата и пензиите.

Додека Заев ветува подобар животен стандард за граѓаните, носителот на СДСМ во ИЕ 1, Никола Димитров, од Скопје директно се конфронтираше со неговата соперничка од ВМРО-ДПМНЕ на изборите, прашувајќи ја дали е таа сериозна во залагањето да се поништи Преспанскиот договор.

„Тоа значи дека Силјановска се залага да го симнеме НАТО знамето пред Собранието. Тоа значи дека Силјановска се залага да заборавиме на ЕУ, да им кажеме ’не фала’ ние повеќе сакаме преплатени споменици и повеќе сакаме да ни се обраќате со поранешна југословенска Република Македонија. Дали вие г-ѓо Силјановска сте подготвена за последиците од ваквиот чекор“, рече Димитров.

Димитров на Силјановска притоа и порача дека во  програмата на нејзината партија никаде не се наведува поништување на Преспанскиот договор.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ