
СДСМ преговара со ВМРО ДПМНЕ за вклучување во подготовка на уставни амандмани
Пратениците од СДСМ прават напори за вклучување на ВМРО ДПМНЕ во процесот на подготвување на уставните амандмани.
Преговорите одат тешко, засега нема добра воља од страна на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ , но за нас е многу важно сите пратеници да учествуваат во носењето одлуки и креирањето на уставните амандмани, ни изјави во телефонски разговор координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев . Ќе се почека уште неколку дена, а доколку нема договор во текот на викендов тогаш најверојатно Владата ќе ги достави до Собранието нацрт амандманите кои заедно со другите пратеници ќе се подготвуваат во инклузивен процес. Ќе се разговара и со пратениците од Беса на Касами и Алијансата на Албанците кои преку своите предлози инсистираат на промена на преамбулата, албанскиот јазик да биде втор официјален јазик, а Македонија да биде дефинирана како рамноправна држава на сите граѓани. Социјал-демократите оценуваат дека сега не е моментот за дневнополитички поени преку дополинителни амандмани.
Собранискиот спикер Талат Џафери очекува од Владата час поскоро да ги достави нацрт уставните амандмани и да започнат консултациите со пратениците за нивната финална верзија. Не гледа ништо спорно во намерата на Владата заедно со Собранието да ја подготвува содржината на амандманите.
По доставувањето на амандманите во собранието започнува втората фаза за уставните измени за чие гласање е неопходно апсолутно мнозинство, односно 61 глас.
Јулијана Пешевска