
СДСМ почна постапка за исклучување на Боро Стојчев од партијата
Жителите на општина Ново Село не се среќни што Боро Стојчев повторно ќе им биде градоначалник. Напротив, нивното расположение подобро би го опишале зборовите бес, неверување и револт. Но, сепак, додека ги анкетиравме, најотворени да го изразат својот став за намалената казна затвор на градоначалникот не беа актуелните жители, туку оние што одамна се иселиле и сега доаѓаат неколкупати годишно на одмор.
Пред два дена штипска апелација му ја намали казната затвор на Стојчев од 18 на шест месеци, со што тој има законска можност да се врати на поранешната функција. Од општината не сакаа да ги коментираат последните случувања. Ги прашувавме вработените коишто излегуваа од општинската зграда, но никој не одговори. Само еден вработен имаше забелешка но не на градоначалникот, туку на новинарската работа и затоа што Стојчев во медиумите бил наречен шверцер.
Според информации на Телма, градоначалникот ги потпишувал потребните документи за работа на општината во притворското одделение на струмичкиот затвор.
Од СДСМ пак, денеска изјавија дека е почната постапка за исклучување на Боро Стојчев од партијата.
Пратеникот Костадин Костадинов одговарајќи ан новинарско прашање, рече дека законите треба да важат за сите и да ги почитуваат сите функционери и го повикаа да си даде оставка од функцијата градоначалник.
Сузана Мицева