
СДСМ ќе ги убедува ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите за Изборниот законик
Претседателот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Александар Кирацовски најави дека на 25 декември ќе закаже јавна расправа за изменување на Изборниот законик, со цел да се презентираат аргументите и да се разубедат они што се против измените.
Откако ја откажа денешната седница на Комисијата, на која требаше да почне амандманската расправа за Предлог-измените на Изборниот законик кои предвидуваат една изборна единица и отворени листи, Кирацовски изјави дека амандманската расправа не може да почне, бидејќи не се преведени сите амандмани поднесени на Предлог-законот.
Тој информира дека досега се преведени и во електронскиот систем се ставени 3.734 од вкупно поднесените 5.899 амандмани. Кирацовски нагласи дека ќе ги чека службите до крајот на следната недела, па ќе закаже седница за да може да почне амандманската расправа во Комисијата за политички систем.
Според Кирацовски, целта на подносителите на илјадниците амандмани е да го блокираат целиот процес и ги повика да се премислат и да ги повлечат.
За координатоторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак, откажувањето на денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците е потврда на оценката на партијата оти нема деловнички услови за почнување амандманска расправа за измените на Изборниот законик.