
СДСМ: Иванов не е над Уставот
Иванов не е над Уставот и нема да успее да внесе нови поделби, Македонија е едно општество за сите, велат од СДСМ.
Наместо да го осуди насилството што се случи во Собранието Ѓорѓе Иванов продолжува со неговите политики на поделби, раздор и конфликт. Со најавите дека нема да го потпише указот за законот за употреба на јазиците, Ѓорге Иванов се обидува да се стави над Уставот на Република Македонија и делува како остаток на поразениот режим.
Иванов е должен да постапува по членот 75 од Уставот на Република Македонија во кој е јасно наведено дека доколку претседателот не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, Претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.
Инаку законот, кој првпат беше изгласан на 11 јануари, повторно се најде пред пратениците откако претседателот Иванов не го потпиша и го врати на повторно разгледување во Собранието.