
СДСМ: Договорот со Грција е влог за македонската иднина
Постигнатиот конечен Договор за спорот со Грција е историски најдобра и фер шанса за граѓаните на Македонија, смета владејачката партија СДСМ. Според нив Договорот е влог во македонската иднина, со кој го расчистуваме патот на нашата земја за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ. Договорот е пример за решавање отворено прашање со соседите, во согласност со националните и државните интереси.
Со Договорот се зајакнува и гарантира нашиот, македонски идентитет. Македонската националност, македонското државјанство, македонскиот јазик и македонската култура се загарантрани еднаш засекогаш и никогаш повеќе нема да бидат негирани или оспорувани.
Договорот со Грција става крај на 25 годишен спор и ја елиминира последната пречка за целосна интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. По години изолација, Македонија повторно е на патот кон членство во ЕУ и НАТО. Обезбедена е поканата за членство во НАТО и дефиниран е датум за почеток на проговори за полноправно членство во ЕУ. Тоа е остварување на врвните стратешки интереси, поставени уште од денот на осамостојувањето, велат од СДСМ.
Со поддршка на Договорот, граѓаните на референдум ќе ја обезбедат европската иднина на Македонија како полноправна членка на ЕУ и НАТО, онаму кадешто вредносно и цивилизациски припаѓа, се посочува во партиското соопштение.