Сашо Сенков излегува од Шутка

По интервенцијата на докторите во градската болница „8 септември“ здравствената состојба на Александар Јаневски Тошта е стабилна, потврди адвокат Бојан Ваневски кој смета дека неговиот клиент не треба да биде вратен во протворот во Шутка. На Тошта му се слоши и падна на подот од судницата откако слушна дека и со изменетото обвинение за него останува делото убиство во обид на пратеникот Зијадин Села.

„Не ми е јасно зошто мене ме судите за убиство. Зошто сум затворен, затоа што сум основач на ВМРО? Кажете ми кој се јавил и од каде за да ме судат за убиство. Можете и на бесилка да ме ставите“, рече Јаневски.

По ова се струполи во судницата неговите роднини од позадина извикаа дека има здравствени проблеми со срцето. Со брза помош беше однесен во болницата. На оваа драматична сцена и претходеше воведот на обвинителот Дарко Јакимовски кој го измени обвинението и се откажа од гонење на Сашо Сенков, кој уште денеска ке излезе од Шутка на слобода. Детално образложи дека по анализата на сите докази, но особено по последната снимка од нападот на Села, Сенков не само што не го напаѓал Села туку имал и заштитнички однос.

Сенков и неговите роднини уште во судница не го криеа задоволството што излегува на слобода, но за 7-те месеци минати во притвор ќе бара отштета од државата, потврди неговиот адвокат, кој вели очекувал ваков исход.

Обвинетите Стојан Павлески кој беше во Шутка и Цео Георгиевски во домашен притвор, ќе се бранат од слобода но со мерки на претпазливост. Ова го побара самиот обвинител откако за нив го промени делото од убиство во обид во насилство врз основа на сите докази.

Адвокатот на Села се согласува со обвинителот дека за обвинетиот Сенков нема докази за да му се суди.

Судењето продолжува на 11 јуни. Во судница ке седнат седумина обвинети за убиство во обид на Села и двајца за насилство.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ