Санацијата на колекторскиот систем во Охрид ќе заврши најдоцна до идната пролет

Санацијата на стариот и нефункционален колекторски систем на Охридското Езеро, ќе заврши најдоцна до идната пролет, најави владата. Реконструкцијата на колекторот ќе се врши врз основа на претходно изработена физибилити студијата која предвидуваше трошоци од 51 милион евра, но владата тврди дека зафатот кој ќе го изведува новото државно претпријатие „Колекторски системи“, ќе чини значително помалку.

Колекторскиот систем на Охридското езеро е изграден пред три и пол децении и оттогаш е заборавен од сите власти. Не работат препумните станици, постојано има хаварии и излевања во езерото, не функционираат пречистителните станици.

Дополнителен проблем е преголемата урбанизација која значително го оптовари колекторот, на што сериозни забелешки има УНЕСКО. Експертите сметаат дека е неопходна интервенција во двата правци за да се заштитат универзалните вредности на Охрид, кој поради негрижа може да се најде на Листата на заштитени подрачја во опасност.

Засега е извесно дека ќе санира постоечкиот колекторски систем, а за негова доизградба и модернизација ќе треба да размислува новоотвореното државно јавно претпријатие, чие седиште нема да биде во Охрид, туку во Скопје.

Во склоп на реконструкцијата на колекторскиот систем предвидено е и  комплетно чистење на канализационата мрежа во Охрид и Струга во вкупна должина од 420 километри, што треба да придонесе за намалување на поплавите кои беа чести изминатиот период поради големите наноси талог од нефункционалениот колектор.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ