Само половина луѓе во земјава веруваат дека вакцините се безбедни, но казни ги чекаат родителите кои не ги имунизираат децата

Само половина од луѓето во Македонија веруваат дека вакцините се безбедни. Научници од Лондон, експерти за биомедицински истражувања од организацијата „Wellcome Trust“ стигнале до таквите бројки. Тие го испитале јавното мислење во 140 земји во светот. Во нашата земја само 54% од анкетираните веруваат дека вакцините се безбедни. На Балканот, поскептични од нас се само бугарите и црногорците.

Родителите во земјата, кои не веруваат во безбедноста на вакцините или од други причини не сакаат да ги вакцинираат деца, тоа јасно им го кажаа на здравствените власти. Повеќе од илјада родители потпишаа изјави дека одбиваат имунизација. Инспекторите не попуштија, сега ги чекаат тие да дојдат и да си ја платат казната. Ако не платат, нив им се заканува и прекршочна пријава.

„ДСЗИ ја почна постапката, ги повикуваме на порамнување родителите коишто потпишале изјава дека одбиваат да ги вакцинираат децата. Дневно очекуваме околу 10 до 15 родители да се јават во нашите канцеларии.“ е ставот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Епидемијата на мали сипаници која половина година трае на територија на целата држава полека стивнува, но се уште има новозаразени.

„Во тек на вчерашното дежурство прегледани се шест пациенти, а четворица се хоспитализирани. Поради тежината на клиничката слика, две девојчиња утрово се префрлени на Клиниката за детски болести за натамошен третман.“ кажаа од Клиниката за инфективни болести.

На Инфективната клиника во овој момент 13 пациенти се лекуваат во болнички кревет од вирусот на морбили.

Две девојчиња, поради комплицираната состојба, утрово се префрлени од Инфективна на Клиниката за детски болести.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ