Само десетмина од 33-та обвинети за крвавиот четврток не поднеле барање за амнестија, рокот е до утре

Барање за амнестија до сега поднеле 23-ца од вкупно 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок. Меѓу оние за кои има потврдени информации дека веќе ги доставиле барањата е пратеникот Крсто Мукоски, Александар Василевски Нинџа и неговиот другар Никола Митревски Кољо, претседателот на велешкото здружение Ќосето – Горанчо Ангелов, Иван Цветановски кој е еден од маскираните, Горан Ѓошевски Леви, што беше обезбедување на Трајко Вељановски и Митко Пешов началникот на специјалните полициски сили.

Меѓу оние кои поднеле барање за амнестија се и двајцата браќа Михаил и Стефан Младеновски и Захарие Симовски обвинетите кои први со сведочењата открија дел од деталите како се организирал крвавиот четврток. За сега нема потврда од двајцата обвинети пратеници Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, а исто така не се знае ниту за оганизаторите на протестите од „За заедничка Mакедонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски, Игор Дурловски и Борис Дамовски.

Ниту за носителот на златната команда Митко Чавков за сега не се знае дали поднел или ќе поднесе барање за амнестија. Но додатно во судот се пристигнати и уште 15 барања кои се од останатите процеси кои се завршени или се се уште во тек а се поврзани со настаните од Собранието. За нив е јасно дека ќе одлучува кривичен совет откако ќе прибави мислење од обвинителите кои се вклучени во тие процеси. останува нејасно кои судии ќе го имаат последниот збор во процесот со 33-та обвинети кој е уште во тек.

Пред неколку денови судечкиот судија Добрила Кацарска во изјава за Телма тврдеше дека таа нема да биде вклучена во одлуката и дека и за овој процес ќе одлучува кривичниот совет. Но денес се отвори прашањето дали сепак судечкиот совет во судењата кои се се уште во тек ке треба да ги донесат одлуките за амнестија за секој обвинет пооделно. Ова е од причина да нема мешање во нивната работа што би се случило ако други судии ги носат одлуките за незавршените процеси.

Тоа значи дека сепак Кацарска која го води случајот би одлучувала за амнестиите за 33 цата. Во законот за амнестија ова не е допрецизирано па токму поради ова се остава простор за дебата. Исто така прашање кое се отвори деновиве е рокот во кој ќе треба да се донесе одлука. Во законот е наведено дека пет дена е рокот за поднесување барање и пет дена е рокот за судот да одлучи но по претходно прибавено мислење од обвинител. Но сега се отвора прашањето што ако во тој рок од пет дена обвинителството не го даде своето мислење. Сепак до утре истекува рокот за поднесување на барањата, па се очекува сепак првите амнестии да паднат пред нова година.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ