Само 8 работници се грижат за зеленилото во Тетово

Паркови обраснати со трева и трње, расфлан смет, неизмени улици и тротоари. Ваква е моменталната слика во Тетово на јавните површини. Тетовци велат дека хигиената е на многу ниско ниво, граѓаните се се помалку совесни, а надлежните не ја одржуваат чистотата и зеленилото како што треба.

Од паркови и зеленило велат дека во рамки на нивните можности си ја вршат работата. За целиот град се грижат вкупно 8 работници што е недоволно за одржување на зеленилото, велат од ова јавно претпријатие. Недостиг на работна сила има и во секторот комунална хигиена при јавното комунално претпријатие, каде особено за време на предизборниот период, се ангажираат сезонски работници за чистење на градот.

За разлика од ова претпријатие, ЈП паркинзи кое одржува само два затворени паркинзи и три улици каде е воведено зонско паркирање има вработени 64 лица. И Општина Тетово е превработена, дел од административците или ништо не работат, или седат дома и земаат плата.

Експертите велат дека градот мора да започне да размислува да го зголеми кадарот во дел од јавните претпријатие, со оглед на состојбата во која се наоѓа хигиената и зеленилото. Тоа може да се постигне, со прераспределба на општинската администрација, таму каде што има потреба, но постојат и други начини, вели универзитетскиот професор Хасан Јашари.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, потврди дека во дел од јавните претпријатија има недостиг на кадар, и истиот ќе се пополни пред се со лица, кое сега се вработени во општинската администрација.

Досега од Општина Тетово немаат дадено конкретна бројка колку лица се вработени во општинската администрација. Во претходнот мандат кога Арифи дојде на власт пред 5 години, рече дека Општина Тетово е превработена со бројка од околу 500 лица. Во меѓувреме во локалната самоуправа за време на првиот и вториот мандат на Арифи, бројката на вработени во гломазната општинска администрација постојано расте.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ