
Само 37 илјади граѓани досега се регистрирале во системот на УЈП
На два и пол месеци до истекот на годинава што е одредено како краен рок, само околу 37 илјади граѓани се регистрирале во системот на Управата за јавни приходи за персонален данок. Од нив 22 илјади се одобрени, а за околу 15 илјади постапката е почната и се чека да дојдат во УЈП и да се легитимираат, за да се прифати нивното барање.
Ако се има предвид дека, според проценките, најмалку еден милион граѓани ќе треба да влезат во овој систем, дефинитивно станува збор за исклучително мал процент кои досега ја завршиле својата обврска.
Од Управата за јавни приходи не се прецизни колку точно граѓани очекуваат да се регистрираат во системот за е-персонален данок. Велат дека според последните податоци, за минатата година кај нив биле поднесени 450 илјади годишни даночни пријави, но оваа година очекуваат значително поголем број лица да се регистрираат во системот е-персонален данок. Затоа даночните власти ги повикуваат граѓаните да не чекаат пет до 12 за оваа обврска.
„Апелираме граѓаните навремено да ја исполнат својата обврска за регистрација на e-pdd.ujp.gov.mk, за да може од 1 јануари 2019 година секој граѓанин да има увид во пополнетата Годишна даночна пријава која ќе ја издава УЈП. Доколку граѓанинот не ја потврди или коригира пополнетата годишна даночна пријава најдоцна до 31 мај 2019, таа ќе се смета за потврдена“, велат од Управата за јавни приходи.
Откако УЈП ја најави оваа обврска, таа создаде голем револт во јавноста, особено кај пензионерите и изнемоштените, но и оние што не знаат да користат комјутер. По бурните реакции дека тоа ќе создаде дополнителни тешкотии и трошоци, властите ветија дека ќе најдат начин како процесот да се поедностави за овие категории. Но засега, од УЈП се уште не кажуваат конкретно како тоа ќе се постигне, дали со законски измени, или преку софтверски промени, со кои пензионерите и вработените кои примаат само плата ќе се ослободат од обврската за регистрација.
„Во тек се активности за наоѓање решение за олеснување на постапката за пензионерите и изнемоштените лица, со цел овозможување на оваа категорија на наједноставен начин да си ги остварат правата и обврските регулирани со Законот за персонален данок, односно увид во приходите евидентирани во службената евиденција со која располага овој орган, како и потврда или корекција на годишните даночни пријави, велат од УЈП.
Даночните власти велат дека сите можни решенија се разгледуваат, а откако ќе го изберат најсоодветното, јавноста навреме ќе биде информирана.
Нина Нинеска-Фиданоска