
Само 20 отсто од интернет корисниците во земјава купуваат онлајн
Македонците потрошиле 63 милиони евра на купување преку интернет во првата половина од годинава, тоа е раст за 20 отсто во однос на истиот период лани. Најголем дел од овие пари, 41 милиони евра, завршиле кај странските е-трговци, наспроти 22 милиони кај домашните, но добро е што купувачите кон нив се повеќе се ориентираат. Македонија ги исполнува клчучните фактори – одлична интернет пенетрација, платежни картички дури и повеќе од бројот на граѓани, и добри безбедносни сервери. И покрај тоа, само една петтина од интернет корисниците купуваат онлајн. Зошто е така, дали затоа што Македонците преферираат кеш плаќање, дали заради понудата или послабата доверливост на поштенските испораки, одговорите ги бараа бизнисмени, банкари и функционери, на првата конференција за е-трговија во земјава.
Сепак сме тука денес да ви кажам дека 20 отсто од интернет корисниците купуваат онлајн. Во спремност сме пред земјите од регионот, а во купување сме претпоследна земја, само Црна Гора е после нас. Значи реалноста и подготвеноста на хартија не соодветствуваат, вели Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Мора да ја подигнеме свеста кај граѓаните за придобивките од е трговијата, вели министерот Манчевски, но клучно е тие да бидат безбедни кога купуваат онлајн.
Граѓаните мора да бидат сигурни дека во процесот на е-трговија нивните податоци се безбедни, трансакциите гарантирани и да бидат сигурни дека никој нема да ја злоупотреби нивната доверба во системот. Тоа ние мора да го гарантираме како Влада, посветено работевме на Старетегијата за сајбер безбедност, вели министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Од Владата и ветуваат уште повеќе пари за помош на компаниите.
Најавивме дека поддршката во делот на иновациите, можеби со посебен фокус и на е-трговијата, ќе продолжи и наредната година. Веќе сме во план на подготовка на нови јавни повици, вкупниот обем за 2019 на Фондот е околу 12,5 милиони евра, вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
За државата сериозен предизвик се и дигиталните вештини на граѓаните, луѓето без нив ризикуваат економска и социјална исклученост.
Нина Нинеска-Фиданоска