Само 17 милиони евра капитални инвестиции во првите два месеци

Само 17 милиони евра инвестирала државата во инфраструктура во првите два месеци од годинава. Податоците на Финансии говорат за исклучително ниско ниво на капитални инвестиции, само 4,3 отсто од планот за оваа година. Овие вложувања се намалени за дури 30 милиони евра во однос на истиот период лани, кога во земјава владееше сериозна политичка криза. Во историјава на земјава, капиталните инвестиции никогаш и не биле многу силни, коментираат експертите.

„Претпоставувам дека основната причина за ова е неподготвеноста на оние што треба да ги работат проектите, договорите итн., дека тука затајуваат работите, бидејќи финансиите се во секој случај обезбедени и секогаш кога има зимски период, оваа реализација е во секој случај послаба, но залетот треба да се зема веќе од овие месеци, за летото да биде подобро“, вели Павле Гацов, даночен експерт.

Од Министерството за финансии послабите бројки во однос на лани ги поврзуваат и со фактот што тогаш имало исплати по основ на веќе започнати проекти. Очекуваат подобрување во следните месеци.

„Повеќето проекти се во почетна фаза и во текот на годината реализацијата значително ќе се подобри“, велат од Министерството за финансии.

Вкупните буџетски приходи во однос на истиот период лани се повисоки за околу 6 проценти. Бруто приходите од ДДВ пораснале за околу 10 отсто, но на нето основа има намалување, што значи дека државата сега поредовно врши поврат на овој данок.

Зголемувањето на акцизата за три денари по литар дизел го дала својот резултат, од неа во буџетот се прибрани 57 милиони евра во првите два месеци или 14 милиони евра повеќе од лани, што е раст за близу 33 проценти.  Зголемени се и приходите од данокот на добивка, за близу 19 отсто.

Од министерството за финансии за февруари се задоволни од порастот на приходите од персоналниот данок, за 8,4 отсто, а велат дека солиден раст има и кај наплатата на придонесите, за 6,1 процент. Тоа се должи на порастот на платите.

На расходната страна, Владата била поштедлива за стоки и услуги – ги намалила трошењата за 9 отсто, благо ги симнала и трошоците за плати, но ги зголемила трансферите за социјална помош и за Агенцијата за вработување.

За двата месеци буџетскиот минус е околу 54 милиони евра, што е намалување за 10 отсто во однос на лани, од Финансии велат – дефицитот е во согласност со проекциите.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ