САД до европските партнери – местото на Македонија е во ЕУ

САД јасно ќе им кажува на европските парнери дека местото на Македонија е во ЕУ. Ова денеска го изјави специјален претставник на САД за Западниот Балкан, Метју Палмер.

„Ја реафирмиравме американската поддршка за европската интеграција и перспектива што го кажавме јасно тука во Скопје и ќе продолжиме, исто така, јасно да го кажуваме тоа и на нашите европски партнери“, изјави Метју Палмер, специјален претставник на САД за Западниот Балкан

Палмер по средбата со премиерот Заев утрово порача дека САД со нетрпение очекуваат земјава за кратко да стане 30-та членка на НАТО, но и оти тие се посветени и на европската интеграција на Македонија.  

„Што ги вклучува и патот кон НАТО кој е јасен и чист и патот за членството во ЕУ. Ние очекуваме во партнерство со властите во Скопје, но и во партнерство со нашите европски пријатели и сојузници да ја исполниме таа цел“, рече Палмер.

Специјалниот американски претставник кој три дена во Скопје имаше средби со  државниот и политички врв во земјава, за Преспанскиот договор, околу кој по недобивањето на датум од ЕУ повторно се кршат копјата меѓу власта и опозицијата, рече дека е клучен.

„Ние продолжуваме да го поддржуваме Договорот од Преспа. Тој е клучен за мирот, стабилноста и безбедноста на балканскиот регион и ние сме убедени дека сето ова ќе се движи напред, чекор по чекор“,подвлекува Палмер.

Палмер кој очекува, како што рече, за кратко време да е врати и да ги продолжи разговорите со партнерите во Скопје, информираше дека денеска во Скопје се собрани сите американски амбасадори од Западниот Балкан на опсежна дискусија за регионалните прашања и размена на гледиштата.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ