
Русковска го доби досието со податоците од телефонот на Катица Јанева
Од обвинителството потврдуваат дека го добиле извештајот од вештачењето на телефонот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, но не откриваат дали во нејзиниот службен телефон пронашле тајни кои ќе им помогнат во истрагата за „Рекет“. Обвинителството се уште не ја открило трагата на другиот телефон за кој синот на Јанева тврдел дека е изгубен во Белград.
Истрагата треба да утврди дали преку еден од овие два телефона Јанева била вклучувана на спикерфон во разговорите меѓу рекетираниот –Камчев и осомничениот Јовановски.
Специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева втора недела е на боледување, а ниту една институција не соопштува со какви здравствени проблеми се соочува Јанева, која го започнала боледувањето ден откако најави оставка, а обивнителството за организиран криминал и го одзеде телефонот како дел од истрагата за „Рекет“ против дуото Боки 13ка – Кичеец.
ФЗО не ја проверил веродостојноста на боледувањето затоа што никој тоа не го иницирал
Досега до Фондот нема доставено барање на работодавач или друг надлежен орган за контрола на боледувањето на осигуреното лице за кое прашувате. Во случај на боледување до 15 дена, Фондот нема увид во боледувањата кои се отвараат и издаваат од страна на избраните лекари, а по евентуални барања за контрола, може истата да се изврши, велат од Фондот.
Законски работодавецот односно фондот, во зависност од тоа кој врши исплата на надоместокот на плата може да поднесе барање за преиспитување на оцената за привремена спреченост за работа. Во актуелниот закон, Јанева и СЈО уживаат голема автономија. За својата работа Јанева е единствено одговорна пред Собранието што ја изгласа, и советот на јавни обвинители, но во овој случај не станува збор за професионална одговорност во работата. Од Собранието велат дека тие во никој случај не може да се сметаат за работодавач на Јанева. Од советот за јавни обвинители велат дека ниту тие не се нејзин работодавец и упатуваат на тоа дека СЈО е нејзиниот работодавец бидејки таму ги остварува права на работен однос. Со ова се отвора и прашањето дали треба самата Катица Јанева за себе да бара приспитување или пак некој друг од СЈО може да бара преиспитување на боледувањето.
Елена Ивановска Мукоска