Рускоска за Дојче Веле: Ако МВР има и тонски снимки, нека ни ги даде

„Нам тонски снимки не ни беа доставени. Ако МВР има тонски снимки, нека ни ги достави, веднаш ќе предложам да ги изведеме како докази“, вели обвинителката Рускоска за ПИ мерките во „Рекет“. Таа во изјава за Дојче Веле на македонски, вели дека го презентирала тоа што на Обвинителството му било доставено од МВР.

„Презентирав сѐ што ни беше доставено. Нам тонски снимки не ни беа доставени. Ако МВР има тонски снимки, нека ни ги достави, веднаш ќе предложам да ги презентираме и изведеме како докази“, вели Рускоска за ДВ.

Таа потенцира дека реализацијата на тонското снимање зависи и од техниката, а се сомнева дека МВР има соодветна опрема.

„Знам каква опрема имаат. Технички не е лесно да се реализира тонско снимање, ако лицата кои се под ПИ мерки седат во угостителски објект каде има врева, а лицата што ги спроведуваат мерките седат на дистанца, во возило, на пример“, вели Рускоска.

Објаснувањето на обвинителката следува откако синоќа на вонредна прес конференција, Александар Николовски од ВМРО ДПМНЕ, обвини дека објавените докази од ПИ Мерки за случајот „Рекет“ биле само со видео, а без тонски запис, што е спротивно на законот за следење на комуникации.

„Од приказот на посебните истражни мерки не се добива впечаток дека истражителите само го фотографирале и направиле видео од средбата, туку јасно е дека има и тонско снимање. Прашањето до јавноста е, зошто ова тонско снимање не е прикажано денеска во судницата, односно прашањето е дали мерките со план не се спроведени, со што е прекршен законот и членот 18, или истите не се објавуваат во јавноста со цел да се скрие содржината на истите“, праша Николоски.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ