Руски разузнавачко енергетски игри во Македонија

Рокот за заминување на протераниот руски дипломат уште тече, а од МНР не соопштуваат официјално какви разузнавачки активности презел и какви класифицирани документи се обидел да набави. Токму овие две активности беа додадени во досието за протераниот руски дипломат откако МНР првично се придружи на координираното протерување руски дипломати во САД и во десетина европски држави поради труењето на екс-агентот Скрипал во Британија. Разузнавачките активности се забележани поодамна, но протерувањето е реализирано дури сега.

Зголемени разузнавачки активности водени од руската амбасада се нотирани во извештајот на македонски контраразузнавачи кој го објави ОЦЦРП – платформата на истражувачки новинари и порталот НоваТВ. ОЦЦРП го објави извештајот на 4-ти јуни 2017-та. Според насловувањето до тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски како и спомнување на настани, извештајот е изработен најрано на крајот на февруари 2017-та година. ОЦЦРП го објави извештајот по крвавите собраниски инциденти на 27-ми април. Во него стои и каков вид на активности се забележани:

„Во текот на изминатите години беа регистрирани и поречени активности насочени кон остварување разузнавачки продор во во значајни државни органи во РМ/МНР, Собрание, а регистриран е особен интерес за кабинетот на претседателот на државата.“

Извештајот наведува и друг заклучок на македонските контраразузнавачи:

„Руската надворешна политика е во тесна корелација со енергетската стратегија чија цел е контрола на стратешките енергетски ресурси која се врши преку партнерствата со балканските земји. Во тој контекст е и обидот за преземање на македонскиот енергетски гигант со цел монопол над пазарот со енергенси во земјата и ставање на земајата во положба на ексклузивна зависност од руската политика.“

Контрараузнавачите го врзуваат и непријателскиот обид за преземање на Макпетрол со енергетската стратегија за влијание. Овие податоци се земени во предвид и кога софискиот центар за изучување демократија ја прави својата анализа за руското економско влијание врз балканските земји.

Анализата утврдила дека во Македонија има зголемување на руските инвестиции, иако не се на ниво на соседните балкански држави.

Анализата препорачува поголема контрола на затскриени и мистериозни странски инвестиции во Македонија за да се избегне политичко влијание преку енергетскиот сектор.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ