
Русија порачува- референдумската одлука да не биде наметната од надвор
Русија очекува одлуките од кои зависи иднината на земјата да не бидат наметнати од надворешни фактори туку да ја одразуваат волјата на граѓаните. Ваква порака упати новиот амбасадор на Руската федерација, Сергеј Баздникин при предавањето на акредитивните писма.
Македонија и Русија треба да ги унапредуваат економските односи, рече претседателот Иванов и потсети на стратешките интереси на нашата земја.
За премиерот Заев, интеграциите во НАТО и во ЕУ се без алтернатива. И денеска тврди дека нема докази за руско мешање во овој процес.
И Соединетите Американски држави очекуваат македонските граѓани самите да одлучат за својата иднина, но се сомневаат дека Русија не го почитува овој принцип. Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис, при доаѓањето во Скопје, пред група новинари изразил сомневање дека Москва финансира проруски групи за да работат на неуспех на претстојниот референдум. Првите луѓе на НАТО исто така веруваат дека Русија ги користи социјалните медиуми за да шири лажни антиреферендумски вести.
Столтенберг потсети дека Москва работела и на попречување на влезот на Црна Гора во НАТО, но тоа не дало резултати. А Дигиталната форензичка лабораторија на Атлантскиот совет од Вашингтон, истражува како се шири пропагандата преку Твитер. Регистрира дека 80 корисници секој ден објавуваат по 200 твита за бојкот на референдумот, од кои, само 10 одсто се оригинални. Или, во последниве недели, објавени се околу 3 илјади твита со клучен збор „бојкотирам“, кои биле реобјавени над 19 илјади пати.
Соња Николовска