Русија пак најави дека за Договор за името ќе расправа Советот за безбедност

Преспанскиот договор ќе се разгледува на Советот за безбедност на ОН. Ова денеска на твитер го најави постајаниот претставник на Русија во ОБСЕ, Александр Лукашевич, кој освен за спорот за името, даде оценка и за внатрешните состојби во Македонија и ги обвини САД и Западните земји дека се мешат во нив.

„Се надеваме дека прашањето со името на Македонија ќе биде решено без надворешен притисок и изложување на вештачки правила и услови и ќе се заснова на широка јавна поддршка и исклучиво во рамките на правото. Текот на процесот на разговорите и можниот конечен договор во согласност со член 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН, ќе биде разгледана на Советот за безбедност“, напиша Лукашевич на твитер.

Засега освен најавите од руската дипломатија дека Преспанскиот договор ќе се најде пред Советот за безбедност, такво нешто досега не е најавено во агендата на седниците на Советот.

Твитовите на рускиот амбасадор во ОБСЕ се новата порака која Москва ја испрати до Македонија по едномесечно затишје, откако во октомври интензивно се праќаа пораки дека референдумот е неуспешен, а оти зад изгласувањето на отворањето на уставните измени во Собранието стои САД. Москва прелу Лукашевич сега повторно го обвини Западот за мешање во внатрешните работи на земјава.

„Интервенирањето на САД и на западните земји во внатрешните работи на Македонија предизвика продлабочување на тешката политичка криза во земјата која не е надмината повеќе од три години, напиша рускиот дипломат“.

Притоа се наведува дека Русија е убедена дека обидите да им се наметнат туѓи императиви на граѓаните на Македонија ја продлабочуваат поделбата во општеството.

Истовремено, според него, се интензивира судското гонење на оние кои не се согласуваат со политиката на македонската влада, а продолжува да се врши невиден притисок и врз претседателот и оти постојат информации дека неговиот телефон се прислушкува. Ликачевич оценува и дека довербата на јавноста во институциите и демократските процедури во Македонија се сериозно поткопани, и оти референдумот како средство и законодавната собраниска процедура се дикредитирани.

Единствена позитивна оцена од рускиот дипломат има Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која според него има важна улога во процесот на хармонизирање на меѓуетничките односи во земјата во согласност со Охридскиот договор.

Пораките на Лукашевич се објавени и на профилот на Мисијата на Русија во ОБСЕ и на руската амбасада во Македонија, но на ниту еден од профилите не се наведува мотивот за седумте твит-пораки на рускиот амбасадор посветени на Македонија.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ