
Руинирани системи за наводнување ги мачат земјоделците, со европски пари ќе се градат мали системи за наводнување
Руинирани и нефункционални системи за наводнување ги мачат голем број од земјоделците. Тие се жалат дека имаат проблеми со наводнувањетго, бидејќи заради дефектите, најголем дел од водата што истекува од браните, не доаѓа до посевите.
„Најголеми загуби има во главните системи за наводнување, главните канали, бидејќи со децении таму не е вложено речиси ништо, има големи пропусти, големите канали се руинирани, растурени, водата понира, слободно тече“, вели Шаклев.
Непријатности настануваат кога иако не ја добиле водата и очекуваните приноси, земјоделците на Водостопанство треба да му ја платат целата сума за водата.
И министерот за земјоделство, Николовски, се согласува дека состојбата со системите за наводнување не е задоволителна.
„Во некои региони системите за наводнување се нефункционални и руинирани поради што е потребна итна рехабилитација, како и изградба на нови“, вели министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Со европски пари, на шест до осум локации во земјава, со големина од околу 300 хектари, ќе се градат мали системи за наводнување. Тие ќе бидат со ниски трошоци, се очекува да ја зголемат конкуретноста на земјоделството и да ги одржат приходите во овој сектор. Клучно е што треба да ги ублажат негативните ефекти од климатските промени, порачаа од Европската унија.
„Се очекува поради сушите, сите земјоделските региони да бидат погодени, што подразбира големи загуби за земјоделците. Една од мерките е да се обезбеди пристап до наводнување на земјоделските региони кои ќе бидат најпогодени од климатските промени“, вели Вимпари.
Проектот ќе чини околу 1,7 милиони евра и ќе трае 2 години,а е финансиран од инструментот за претпристапна помош (ИПА) на ЕУ.
Дел од земјоделците, сепак, потенцираат дека клучниот проблем на овој сектор се проблемиоте во пласманот и ниските цени.
Со Националната програма за земјоделство и рурален развој се планира зголемување на потенцијалот за наводнување на 250 илјади хектари во наредните 15 до 20 години.
Нина Нинеска-Фиданоска