
Рудниците ќе се затворат со измените на Законот за минерални суровини, тврди рударската фела
Затворање на рудниците во земјава и блокирање на целата индустрија, но и огромни финансиски штети за државата, ќе предизвикаат измените на Законот за минерални суровини, поднесени од група пратеници, кој е во собраниска процедура и треба да се гласа по скратена постапка. Со измените се бара да се забрани употребата на цијанид во рудниците во земјава, и да не се дозволи да се отвораат нови рудници доколку користат цијанид, сулфурна киселина и други опасни материи.
Од рударската фела денеска предупредија дека се загрозува егзистенцијата на околу 13 илјади вработени во рударскиот сектор, а се доведуваат во прашање и 180 милиони долари директен извоз.
„Еден од предлозите е да се брише точката цијанид, значи цијанид нема да може да се користи во рударството, а свесни сме дека сите наши постоечки рудници за олово и цинк во државава користат цијанид, но во сосема разредени количини“, вели Николајчо Николов, прв човек на ридникот Бучим и претседател на Македонската асоцијација за рударство.
Во тој случај нема да може да се испочитуваат ни концесиските договори меѓу државата и концесионерите, и тие ќе мора да се раскинат, вели Прохоров од Саса.
„Во тој случај концесионерот има право на надомест на загуба. Според наша проценка сумата која државата треба да ја исплати би изнесувала од една до три милијајарди евра“, вели Прохоров.
Предлогот е чуден, велат од МАР, а почудно е што се бара да се гласа по скратена постапка.
Рударскиот еснаф бара да се одложи носењето на измените. Тврдат дека употребата на цијанидот се врши според најдобри достапни светски технологии и не претставуваат опасност за луѓето и животната средина.
„Тој цијанид е во листата на опасни супстанци, исто како што е и обичното моторно масло, тогаш би требало да замје и земјоделството, бидејќи тракторите не може да се возат без моторно масло“, вели Прохоров.
За Николов, не е јасно кој стои во суштина зад овој предлог.
„Не верувам дека Владата стои зад овој предлог. Разговарав со вицепремиерот за економски прашања. Тој воопшто не знае дека постои ваков предлог“, вели Николов. Од МАР велат дека „Тораница“, „Злетово“ и „Саса“ користат цијанид 30 години и притоа никој не бил заболен.
Лиле Поповска, една од 11 пратеници, од владејачката коалиција, но и независни, за Телма вели дека измените се предложени заради заштита на животната средина и здравјето на населението. Вели дека измените се главно насочени кон новите рудници, да се забрани нивно отворање доколку користат цијанид, сулфурна киселина и други опасни материи. Затоа и се брзало да се донесат по скратена постапка.
„Потенцијална опасност постои од уште 80-ина веќе издадени концесии за геолошки истражувања, по чие завршување може да се очекуваат исто толку барања за добивање концесија за експлоатација на минерални суровини. Знаејќи дека истражувањата се однесуваат главно за сиромашни руди на злато, сребро и бакар, многу е веројатно да се претпостави дека сите тие ќе предложат најевтини и најопасни техники и технологии за нивна експлоатација “, се вели во законот.
Поповска потсетува дека дел и од постоечките рудници веќе добиле во минатото санкции заради негативно влијание врз животната средина.
Реагираа и од Министерството за економија, велат дека предложените измени се строги и неприменливи и не треба да се донесат пред да се направи целосна анализа и консултации со стручни лица, во насока на тоа дали има и кои би биле алтернативните начини на екстракција на рудата, без примена на споменатите супстанци, и тие да се предвидат во Законот. Исто така, треба да се направи и истражување во кои сè индустрии се употребуваат овие супстанци и дали забраната за нивна употреба ќе важи и за нив.
За во четврток на собраниската комисија за економски прашања е закажана јавна расправа на која се повикани сите засегнати страни да го кажат својопт став за законот за минерални суровини.
Нина Нинеска-Фиданоска