Рударот Велков утре ќе биде опериран

Рударот од Македонска Каменица, Венцо Велков утре ќе биде опериран во приватната клиника Аџибадем Систина. По прилогот на Телма за 41 годишниот Венцо,  кој пред четири години од повреда боледува од дискохернија, поради што си легнува и станува со болка и одвај се движи, најголемиот рудник за олово и цинк „Саса“ целосно му ја плати операцијата, а жителите на овој рударски град, но и од земјава и странство за кратко време донираа околу 5.000 евра. Телма го посети Венцо на хирушкото одделение во Штип, каде што лекарите и медицинскиот персонал му ја даваат потребната терапија, отука, тој заминува за Скопје. Среќен е и благодарен на сите што донираа за него.

По поминати осум операции на клиниките во Скопје, од кои што немало никаков ефект, Велков ја чека утрешната, деветта операција, која треба да ја направи познатиот македонски хирург Угриновски. Верува дека по операцијата ќе поминат сите негови маки, но и на семејството, кое изминатите години му ја даде најголемата поддршка и помош.

Доколку не му се изврши утрешната операција, Велков ќе стане траен инвалид на левата нога. Но, рудникот Саса која ја плати операцијата од 13.500 евра, а хуманите граѓани донираат околу 5.000 евра за неговата рехабилитација не дозволија тоа да се случи. Негова најголема желба по операцијата е овие скали кои водат до петтиот кат од неговиот дом во Македонска Каменица да ги помине без ортопедски помагала.

Викторија Димитрова Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ