
Рот: Прозорецот за решавање на спорот наскоро ќе се затвори
Прозорецот на можноста да се реши спорот за името сега е отворен, но наскорот ќе се затвори, порача државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот. Тој говорејќи на дебатата посветена на евро-атлантските интеграции на Македонија во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин ги предупреди и Македонија и Грција да не поставуваат црвени линии и да направат се за да го решат спорот околу името, предупредувајќи на ризикот кој постои доколку двете страни ја испуштат можноста која сега е создадена за решевање на спорот.
„Спорот, кој еднаш го нареков провокативен и кој освен Атина и Скопје, никој не го разбира, мора да се реши. И сторивте многу, нешто што не успеаја да го направат претходните влади. И ве молам ова што ќе ви го кажам не сакам да звучи шокантно. Согласно моето досегашно ограничено политичко искуство ви велам: Не ставајте црвени линии! Седнете заедно и разговарајте!“, порача Рот.
Рот на дебатата во која учествуваше и македонскиот премиер Зоран Заев изрази подготвеноста во име на германската Влада да помогне доколку тоа е потребно, но подвлече дека ОН се способни за водење на овој процес.
Порака за спорот околу името вчера стигна и од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој на средбата со Заев рекол дека решение на спорот со Грција ќе даде позитивен импулс за целиот регион и значително ќе влијае на неговата стабилност.
Заев во дебата во „Фридрих Еберт“, како што пренесува грчката агенција АНА-МПА изјавил дека грчкиот премиер Алексис Ципрас е искрен и верува дека решението на спорот со Македонија ќе биде добар за развојот на неговата земја. Според Заев најтешкиот проблем за надминување меѓу двете земји е градењето на взаемна доверба и гарантирање дека решението ќе биде конечно, кое ќе го обезбеди дигнитетот и идентитето на двете страни.
За тоа дали е можно да се постигне решение пред самитот на НАТО тој одговорил дека постои можност да се постигне решение, но единствено само ако двете страни изградат доверба и обезбедат неопходни легални гаранции во процесот на преговори за тоа што би било прифатливо за луѓето.
Во контекст на македонското евроинтегрирање, евркомесрот Јоханес Хан во интервју за весникот „Ди Велт“ изјави дека Европската комисија наскоро – најверојатно до летото – ќе им препорачана на земјите-членки на ЕУ да ги започнат преговорите со Македонија и Албанија за членство.
„Веруваме дека двете земји направија значајни реформи и дека се квалификувани за овој чекор“, изјави Хан.
Според него граѓаните на двете земји заслужуваат конкретна европска перспектива.
Тамара Грнчароска