
Робертсон: Му реков на Мицкоски – дали сакате вашата земја да биде нарекувана „Фиром“ засекогаш?
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон се обрати синоќа во Атлантскиот совет со порака дека дојде мигот сите во Македонија да гледаат кон иднината и да го одбранат националниот интерес на земјата, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
На панел насловен „Дополнување на Европа: Дали Македонија ќе го зграпчи моментот?“, тој порача дека во однос на ова треба да се гледа од многу подлабок и поширок аспект.
„Сетете се на храброста и одважноста на вашите политичари за време на кризата во 2001 година. Тие ја спасија својата земја од сигурно крвопролевање. Таква храброст и одважност имаат некои политичари денес во Македонија“, укажа Лорд Роберстон.
Тој ја посети Македонија непосредно пред референдумот и откри дека на средбата со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, укажал за историската важност на моментот во кој се наоѓа Македонија.
„Се сретнав со господинот Мицкоски, лидерот на опозицијата, и му реков: Јас сум експерт за опозиција, јас бев 18 години во опозиција како политичар, пред да се вратиме на власт, и знам зошто сме биле во опозиција. Затоа што не го ставивме државниот интерес пред партискиот“.
„И му реков, обрнете внимание на иднината на вашата земја – дали сакате таа да биде нарекувана „Фиром“ засекогаш“?
“Одлуката која требаше да се донесе со референдумот ќе го имаше ефектот да се избрише зборот „Фиром“ од мапата на светот. И тоа е нешто што вреди да се направи. Ако сакате да зборувате за национален идентитет и национален суверенитет, тогаш зборот „Фиром“,означува целосно минимизирање на вашиот идентитет“.