
Рикиардо најбрз во Шангај за прво славје на „Ред Бул“
Даниел Рикиардо го обезбеди првото славје за „Ред Бул“ сезонава со триумфот на третата трка од формула еден шампионатот што се возеше за Големата награда на Кина.
Австралиецот во 46 круг ја реши драматичната трка во Шанагај кога го престигна Финецот Валтери Ботас на „Мерцедес“ и стигна до шестата победа во кариерата. За неа клучна беше и добрата стратегија на „Ред Бул“ во однос на „Ферари“ и Мерцедес“ при замената на пневматиците во моментите кога на патеката беше безбедносното возило.
Ботас го освои второто место додека Финецот Кими Раиконен на „Ферари“ беше трет. Актуелниот првак Британецот Луис Хамилтон на „Мерцедес“ заврши четвртти, местото кое го загуби Холанѓанецот Макс Верстапен на „Ред Бул“ кој заработи казна од 10 секунди поради сударот со Германецот Себастијан Фетел. Возачот на „Ферари“ на крајот се задоволи со осмата позиција и беше најголем трагичар на трката. Германецот Нико Хулкенберг на „Рено“ беше шести, Шпанецот Фернандо Алонсо на „Мекларен“ седми, а покрај Фетел бодови од кинеското Гран при освоија уште Шпанецот Карло Саинц на „Рено“ и Данецот Кевин Магнусен на „Хас“.
Фетел ја задржа првата позиција во Генералниот пласман со 54 бодови, девет повеќе од второпласираниот Хамилтон и 14 од Ботас на третата позиција.
Следната трка ќе се вози за две недели на 29 април за ГН на Азербејџан.