
Рикер: Патот во НАТО е јасен, потребно е продолжување на реформите за ЕУ
По Преспанскиот договор јасен е патот на земјава во НАТО, но треба многу да се работи на неопходните реформи за членство во ЕУ. Транспарентност, одговорност, владењето на правото е клучно за земјата порача денеска идниот помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Фили Рикер, кој рече дека САД 25 години работат за поддршка аспирациите на земјава за членство во НАТО и ЕУ и обезбедување инклузивна демократија.
- Ние веруваме дека секогаш може да направите повеќе во поглед на реформите. Тоа е постојан процес, исто и во мојата земја. Како што кажа веќе премиерот, тоа е нешто што постојано бара работа. Важно е граѓаните да го почуствуваат нивото на транспарентност, нивото на одговорност, да знаат дека владеењето на правото ќе биде најважниот аспект кој ќе ја обедини земјата заедно. Тука е и законодавството на кое што треба да се работи и гледаме дека за дел од законите доаѓа поддршка и од опозицијата, а во тоа лежи иднината на Северна Македонија“, изјави Филип Рикер, политички советник на воената команда на САД во Европа.
За реформите говореше и премиерот Заев кој се надева дека земјава до јуни ќе ги заврши реформите и ќе ја убеди ЕУ дека направила доволно за да добие датум за старт на преговори.
„Верувам дека ќе успееме во следните три месеци до затворањето на извештајот да ги исполниме сите овие, би ги нарекол, цели, коишто се поставени од нас, од Советот на ЕУ од јуни минатата година“, рече Заев.
Тој наброја неколку од незавршените обврски на земјава како законите за СЈО и Советот за обвинители, за кои рече дека владата утре ќе ги усвои. Законот за администрација кој најави дека до крајот на март или почетокот на април ќе помине на влада. Заев најави формирање и на ревизорско тело за проверка на случаи на непотизам во кое би членувала и од опозицијата, а борбата против корупцијата очекува да даде конкретни резултати.
Рикер за реформите освен со Заев разговарал и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и лидерто на ДУИ, Али Ахмети. Мисцкоски на средбата му го пренел на Рикер ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека власта прави сериозни нарушувања на правната држава и владеењето на правото и со тоа ги уназадува демократските процеси и државата во исполнување на стратешките приоритети, членство во ЕУ и НАТО.
Рикер кој е во тридневна посета на земјава со државниот врв разговарал и за безбедносните прашања. Притоа рече дека некои земји од страна сакаат да го зголемат влијанието врз регионот, но подвлече дека Северна Макеодија покажала која е нејзината желба. Заев пак во тој контекст рече дека земјава има одлична соработка со НАТО сојузниците и САД околу рефлексиите од ИСИС во нашата земја и оти е подготвена да се справува со тоа.
Тамара Грнчароска