Рикер неделава на средби со државниот врв

Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, неделава ќе дојде во официјална посета на Македнија, каде што ќе има средби со претставници на власта, на граѓанското општество и на бизнис заедницата. Од Стејт департментот соопштија дека тој ќе има средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и други владини претставници.

Централни теми ќе бидат билатералните прашања и патот на Северна Македонија кон членство во НАТО и ЕУ. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, ќе разговара и со пратеници и со претставници на опозицијата, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Филип Рикер кој е поранешниот амбасадор на САД во земјава, последен пат го посети Скопје во март годинава во својство на цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, должност што ја извршуваше пред назначувањето за американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања. 

Рикер неодамна оцени дека Северна Македонија во изминатиот период сработи одлично, и не треба да се дозволи земјата да подлегне на некаква дестабилизиција со непотребни политички игри. Администрацијата во Вашингтон е убедена дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и оти процесот треба да се истурка до крај со цел земјата да стане 30. членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во ЕУ, истакна Рикер.

Американскиот помошник секретар ќе замине и во Грција, каде ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и со други владини претставници. Ќе се разговара за клучните прашања во билатералните односи како што се трговската, инвестициската, безбедносната и одбранбената соработка, регионалната стабилност и енергетиката. Тој ќе учествува и на тркалезна маса со претприемачи и бизнис лидери. Рикер ќе го посети и Солун, каде што ќе се сретне со локалните власти, со верски и со бизнис лидери, информираат од Стејт департментот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ