
Резолуцијата за почеток на преговорите пред европратениците
Европскиот парламент дебатира за вонредна резолуција со која повторно ќе побара почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија. Предложениот документ содржи девет точки во кои се изразува разочарување за недонесената одлука, која оди на штета на кредибилитетот на Европската Унија.
По многу години чекање, сега на самиот почеток на следниот фаза, шлаканица од Советот! Колку што разбрав, истата група држави, претседателот Макрон од Франција подржан од Холандија и Данска, најверојатно ја направија следната криза во нашите односи со Западниот Балкан,
рече пратеничката Ана Фотига од групата на Европските конзервативни реформисти.
Парламентот потсетува дека политиката на проширување е најефективниот инструмент за надворешна политика на Унијата и бара Комисијата да ја преиспита и дополни Стратегијата за Западен Балкан од февруари 2018.
Ова не е славен момент за ЕУ, сега се наоѓаме во ќорсокак. Да не заборавиме дека има едногласност за една работа, на Западниот Балкан му се потребни многу храбри одлуки како Преспа,
посочи еврокомесарот за проширување Хан.
Но не сите европратеници ја подржуваат резолуцијата и особено проширувањето.
Економијата на Европа се соочува со многу предизвици. Исто така има несигурност и во поглед на Брегзит, па зошто сега би размислувале за приклучување на Северна Македонија и Албанија, двете најслаби економии во Европа. И двете имаа многу кревки инсититуции, проблеми со владеењето на правото и проблеми со регулативата,
вели Ларс Патрик Берг од групата за Идентитет и демократија.
И покрај опзицијата на проширувањето, подршката е сепак далеку поголема па се очекува во парламентот утре да биде изгласана резолуцијата за отварање на преговорите со двете земји.
Игор Трајков