
Ревизорски препораки за партиите
Ревизорските извештаи за најголемите политички партии генерално покажуваат пропусти поврзани со имотот на партијата, располагањето со него, сопственичкиот статус но и со еден од главните приходи – членарината.
Ревизорите забележуваат дека ВМРО ДПМНЕ не евидентира дека во 2018-та е поведена судска постапка за забрана за оттуѓување, ставање под хипотека и давање под закуп на партискиот имот, вклучувајќи го и партиското седиште. Предупредуваат дека тоа може да има влијание врз другите податоци од финансиските извештаи.
На крајот на 2018-та, констатиран е долг на партијата кон добавувачи од 5 милиони евра. Анализата покажала дека повеќе од половината се провлекува повеќе од три години.
За дело од долгот, партијата склучила договор за исплаќање на рати, а другите обврски ги нема подмирено со образложение дека е неликвидна повеќе години.
И СДСМ има пропуст поврзани со имотот.
Партијата има наследено имот во градежни објекти во Тетово, Куманово, Центар, Кисела Вода, Гази Баба и во други општини. Но, нема документи за утврдување сопственост, нивно запишување во Катастарот, ниту пак сметководствена евиденција.
Кај ДУИ, утврдено е дека нема комплетна документација и инвентарни броеви на фактурите од добавувачите, ниту пак попис на патничките возила што партијата ги користи со договор.
Кај сите три партии, одговорни лица се лидерите Христијан Мицкоски, Зоран Заев и Али Ахмети.
Заводот за ревизија кај сите нив забележува некакви пропусти или меѓусебни разлики поврзани со прибирањето и евидентирањето на членарината.
Со оглед дека секој член на сметката на својата партија годишно може да уплати најмногу една просечна нето исплатена плата во државата, ДЗР смета дека во Законот за финансирање на политичките партии треба да има поконкретни насоки за евидентирање на членарината, за да има еднакво постапување кај сите политички партии.
Соња Николовска