
Ревизорите со забелешки за работењето во Министерството за економија
Вработените во Министерството за економија не ги враќале авансите, а забелешки има и за трошоците за гориво. Државните ревизори – ги испишале пропустите во министерството – во извештаите кои меѓу последните беа објавени, додека останатите чекаат нов ревизор за бидат објавени.
Ревизорите посочуваат дека не се увериле во реалноста на прикажаните суми од околу 30 илјади евра потрошени за гориво.
Констатирано е дека голем дел од вработените задолжени за користење на службените возила не изготвувале патни налози а дел нецелосно ги пополнувале. Дополнително, ревизијата констатира дека иако имало лимит – за секое надминување министерот носел решение со кое се одобруваат дополнителни средства, без да биде приложен доказ за зголемениот обем на службени патувања.
Од министерството пак посочуваат дека забелешката била за две возила и истата е надмината со целосно пополнување на патните налози согласно со процедурата.
Во министерството за економија, навреме не се враќале ниту авансите, иако таква препорака имало уште во 2014 година, состојбите не се промениле. Најголемиот дел парите што не се вратени а земени како аванс се земени во 2017 и 2016 година. Во текот на ревизијата за лицата кои имале вакви долгови министерот донел решение за задршка од плата.
Ревизорите напишале и дека кластерски здруженија кои аплицирале со различни проекти за кои имаат освоено ист број бодови доделени им се различни суми.
А интересно е дека три кластерски здруженија добиле околу 11 илјади евра за проекти што не ги реализрале. Иако биле предупредени од Министерството за економија – парите не ги вратиле.
Со тоа ревизорите предупредуваат дека има ненаменско и незаконско трошење, но намалени приходи во Буџетот.
За трите кластерски здруженија треба да почне судска постапка за враќање на парите, но засега нема информација дали е почната постапката.
Наташа Стојановска