Ревизорите со низа забелешки за работата на АД Пошти, но и за изградбата на спортските сали

Низа од финансиски и законски нерегуларности во работењето на АД Пошти констатирал ревизорскиот извештај за оваа джавно претпријатие кое со години го тресат скандали. Последниот беше со издавањето на поштенската марка со картата на голема Хрватска. Но доколку финансиската штета за овој гаф на македонски пошти ќе се најде во некој следен ревизорски извештај, оној за работењето на оваа јавно претпријатие до крајот на 2018 година покажува загуба од околу 10 милиони евра.

И додека се таложеле загубите раководниот седумчлен тим склучувал договори за нивно менаџерско осигурување, за што е на осигурителна компанија и се платени 45.000 евра од сметката на поштата. Но со тоа не завршува раскалашноста на менаџерите. Договорот кој го склучиле предвидува и доколку нема исплата на штета 90% од премијата или по 5.700 евра да легнат на нивна сметка, а не да и бидат вратени на поштата.

„Ревизијата е на мислење дека во услови кога претрпијатието работи со загуба и финансиската состојба е значително влошена треба да се преиспита одлуката за исплата по основ на менаџерско осигуруравање“, се наведува во извештајот.

Но тоа не е се. Ревизорот констатира давањето и по 50 проценти попусти за поштенските услуги што довело до помали приходи од повеќе од еден милион евра, како и нераздолежни аванси на вработените, дадени за виза картички и службени патувања во висина од 992.000 денари. Претпријатието меѓу другото продало и имот без да пресмета и наплати ДДВ, а нерегуларностите одат и дотаму што и вработени со пониско образование работеле на места предвидени за повисоко образование.

За ревизорот спорен е и монополот кој го има Поштенска Банка во исплатата на пензиите и социјална помош преку АД Пошти и распределбата на провизијата од тоа. Спорен е и договорот со банката, претпријатието да го надомести вкупниот износ на евентуална настаната штета, без оглед дали начинот на настанување на штетата бил предмет на осигурување.

„За извршувањето на услугите од платен промет ревизијата е на мислење дека треба да се воспостави процедура кои се однесуваат на банкарското работење поради големиот ризик од злоупотреба и кражба на парични средства“, се наведува во извештајот.

Освен за Пошта, ревизорите со извештај излегоа и за проектот за изградбата на 145 спортските сали во училиштата, започнат во 2009 година, а кој до 2019 е реализиран само нецели 52 проценти или изградени се 76 сали.

Токму поради недоволната реализација на овој проект државниот ревизор констатира дека нема доволно индикатори за да се оцени успешноста на проектот, но укажува на неправилности во реализацијата. Првата заеблешка е во пролонгирање на првичните рокови за реализација од 3 на 15 години. Дел од причината за тоа ревизорот ја лоцира и во недоволна поддршка на проектот од страна на Министерството за финансии, но и во неподготвеноста на изведувачите. За ревизорите проблем е намалување, со анекси во договорите, на банкарската гаранција на изведувачот, но без да се предвиди како Министерството да постапи доколку изведувачот не ги отстрани недостатоци во градбата поради финасиската исцрпеност на банкарската гаранција.

Исто така за три сали кои биле завршени во 2019 изведувачот немал доставено план за изведба иако тие биле побарани пред 10 години поточно во 2009 година, без притоа да бидат преземни мерки од Министерството. Ревизорите дополнително констатираат и дека Министерството за образование не спроведува контрола и нема увид во наменското и законското користење на салите.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ